Како го изгубивме Дарко Панчев...

Што се однесува на ликот и делото на Панчев, јас сум тука тотално аут. Се што паметам од тој човек е една вечер (не ни одев во училиште) , вечер во која имаше многу галама, петарди и пукотници, а јас за премија можев да бидам буден дури после третиот дневник на МТВ...Зашто..? Црвена Звезда освоила ЛШ, а Панчев го погодил последниот пенал... Искрено, тогаш баш ми беше гајле, чекав да почне Тути Фрути на тогашната сателитска.

Фаст форвард...Катанец е селектор на Македонија. Сите ние пресреќни, вклучувајќи ме и мене. Готово...идеме на ЕП дека имаме стратег. Нашиот стратег на првиот прес открива, ќе играме 3-5-2. Зашто...? Дека ќе бркаме победи против послабите селекции. До тогаш, како што изјави тој, сме знаеле да извадиме резултат со појаките селекции, но сме губеле бодови од аутсајдерите. Затоа нашиот Катанец, ќе играл со фудбалер повеќе во средина за сметка на одбраната. На тој начин можеби ќе сме губеле од фаворитите но ќе сме собирале бодови од репрезентации како Андора и сл. Делуваше логично само имаше една маана, човекот не излажа, не пресуши. Но  се што ни требаше е два резултати од пријателски натпревари за да дадеме зелено светло.

Започнуваат квалификации за ЕП 2008... Прва утакмица против Естонија во гости. Седлоски дава гол во осумдесет и кусур некоја, 0-1. Топ!!! Обично на вакви гостувања киксираме. Втора утакмица, против Англија на Градски. Енглезите се вадат 0-1 со голот на Крауч веднаш после паузата на полувремето, но ги намачивме, плус англичаните играа педерски! Трета утакмица, во гости против Англија. Феноменална партија, завршува 0-0 за нас, а Стерјов констатира дека англичаните ни стануваат редовни пациенти, фала Стерјов. Четврта утамица, клизаво против Андора во гости. Не дека беше клизаво , туку дека се изгоревме со Андора во предходните квалификации, па им дозволивме да ги освојат единствените четири бода во нивната историја.  Победа со 0-3! Готово..идеме во Австрија и Швајцарија. Катанец стана национален херој.

Е сега иде преломна точка. Хрватска во гости. Пред тој натпревар наеднаш од никаде се јавува Панчев, и се осмелува за хрватски медиуми да даде изјава дека Хрватска е подобра репрезентација од нас. И шо сеа... демек освоил ЛШ, станал Златна Копачка и тоа наеднаш му дава за право да сере?!?!? Не му текна да се угледа на Бекенбауер и Кројф?!?!? Тие двајца секогаш ги фалат своите репрезентации, тоа дека се патриоти. Епа овој нашиов е предавник. Дури и Еднооки се јавија со скеч за него, предавничката копачка.

А што кажа Панчев за да го качиме на криво магаре...? "Прво, има причина поради која никој во Европа не игра со тројца назад и второ, ние играме со три централни бека, два странични бека и двајца деструктивци од кои што едниот игра бек за својот клуб. Кога ќе соберете играме со седум дефанзивци. И што, крив сум дека сум рекол дека Хрватска е подобра од нас...? Епа од сега за да бидам добар ќе зборам дека сме подобри од Бразил!" - карикирам од интервјуто за А2 , бидејќи неможев да го најдам тоа што беше кажано за хрватските медиуми. Да бидам искрен, повеќето од критиките кон Панчев беа упатени бидејќи на странски медиум ја критикуваше својата репрезентација, но тука за да се добие на бомбастичност нашите медиуми и ја претставија работава дека Панчев го критукувал Пандев и сл. Подрачјето на кое што живееме е многу осетливо на критикување во гости, и самиот Шукер ако направеше слична работа можеби и полошо ќе си поминеше. Но тука и беше проблемот, нашата јавност, благодарение на новинарите, фокусирајќи се на формата воопшто не обрна внимание на суштината. Дарко Панчев во овие неколку реченици, какво и да имате мислење за него, ги кажа можеби најискрените и најиздржаните критики во историјата на македонскиот фудбал.

"Прво, има причина поради која никој во Европа не игра со тројца назад...."

 3-5-2, фудбалска илузија за 5-3-2. Еве зашто Катанец не лажеше. 3-5-2 е тактика која што претставува реакција на традиционалната 4-4-2. Во теорија, кога екипа игра 3-5-2 против 4-4-2 има предност во средината и одбраната. Во средниот ред има три централни играчи кои што играат против два противници и два крилни бека што маркираат две противнички крила (пет против четири). Во одбраната има три централни бека што треба да се справат со два напаѓачи, односно два бека чуваат два шпица и има еден бек плус за корекција (три против два). Проблемот е во нападот, тука едниот од противничките крилните бекови може слободно да се посвети на офанзивните задачи , бидејќи другиот крилен бек  со двата централни може да формира линија од три дефанзивци кои што треба да се справат со двата напаѓачи. Во нашата група двата фаворити , Англија и Хрватска, играа 4-4-2. Катанец сакаше да остави резултат токму против фаворитите за да добие на цена.

Но ова е кога 3-5-2 се среќава со 4-4-2. Причината што ја напомена Панчев, дека веќе никој во Европа не игра со тројца назад се ефектите кога 3-5-2 ќе се судри со 4-3-3 (истото се однесува и за 4-2-3-1 и слични формации). Во теорија тука ние имавме ситуација каде што нашиот напад се судира со одбрана од четворица и повторно бочните бекови на противникот можат слободно да нападнат. Во средината започнуваа вистинските проблемите. Во центарот на теренот има три наспроти три фудбалери и на  двете страни има крилен бек против крило, но тука крилата не се во линија со средината. Тука крилата се позиционирани повисоко помеѓу триаголникот во средината и напаѓачот. Сега крилните бекови за да можат да ги покриваат прoтивничките крила мораат да се повлечат наназад во линија со одбраната. Сега можеби ви е јасен дефектот на 3-5-2 и поентата на Панчев. Во вакви ситуации одбраната ќе брои петтмина т.е. половина од тимот, за да маркира тројца противнички фудбалери. Со оглед дека и противничките крилни бекови ќе нападнат бидејќи имаат огромен празен простор пред себе и таа нумеричка рамноправност во средината (3 наспроти 3) ќе би изгубена. Но ова е само едната страна од проблемот.

За да нападне екипа што игра 3-5-2, неопходна е подршка од крилните бекови бидејќи во спротивно играта ќе нема ширина. Сега, со оглед дека нашите странични бекови ќе се судрат со противничките, крилата на екипата што игра 4-3-3 можат слободно да се позиционираат високо и да чекаат контра. Во контрите трите брзи, офанзивни фудбалери се поставени пошироко против традиционално поспорите три бека. Бековите природно ќе се рашират за да ги покријат противничките фудбалери и ќе остават огромни дупки во одбраната. Дури и бековите да не се рашират и да останат збиени, крилата имаат доволно простор да пробијат по страничните позиции. Нека ви текне само што ни правеше Аршавин на Градски и во реваншот во Русија (кога ја прими топката на него излегува Гоце Седлоски, централниот бек).

"...второ, ние играме со три централни бека, два странични бека и двајца деструктивци од кои што едниот игра бек за својот клуб. Кога ќе соберете играме со седум дефанзивци."

Еден од најценетите фудбалски автори Џонатан Вилсон, во својот бестселер  Inverting the Pyramid: A History of Football Tactics, го воведува терминот "cкршен тим". Под "скршен тим", тој подразбира тим кој што е составен од седум дефанзивни и три офанзивни фудбалери, без играчи од средината т.е. фудбалери кои би ги поврзале двете линии. Ова резултира со тим кој што е поделен на два дела, дефанзивен и офанзивен без никаков линк меѓу овие два дела. Ова самото по себе наметнува еден од трите офанзивни фудбалери да добие улога на плејмејкер, улога која што во ваква поставеност е исклучително тешка и комплицирана, бидејќи сиот товар на креирање врска меѓу нападот и одбраната паѓа врз тој фудбалер. 

Сигурен сум дека Панчев ниту чул за "скршен тим", ниту не го читал Вилсон, (иако генерацијата на Црвена Звезда за која играше Панчев е еден од омилените тимови на Вилсон), но не ни морал, бидејќи ваквиот систем е најзастапен во Италија во деведесетите од минатиот век (Милан со Бобан, Јувентус со Зидан, Парма со Верон...).
Во нашата верзија од овој систем имавме пет бека, два деструктивци (од кои едниот играше како бек за својот клуб) и три напаѓачи од кои што плејмекерската улога му припадна на Пандев. Тоа и беше причината поради која Пандев слабо играше и негодуваше што игра во средината. Се беше на негов товар. Ја добиваше топката на 40-50 метри од противничкиот гол, мораше да се загради и да ја задржи додека не добие подршка од некој свој соиграч. Ова не правеше страшно спори, страшно предвидливи, а нашето најопасно оружје , Пандев, го кристевме на неефикасен начин.

И што се случи, завршивме петти, Катанец си фати уште неколку тезги за да си биде лабав во пензионерските денови, а Панчев си ја научи лекцијата... Молчењето е злато!!!
Прво, се кандидираше за Претседател на ФФМ и кажа дека ќе расчисти со тие на кои што не им е место во ФФМ и зaгуби од, замисли Харалампие...?!?! Како може Златната копачка на Европа да загуби од некој што се вика Харалампие бе!?!?!?  Многу едноставно, кажа дека ќе ги избрка од ФФМ тие што требаше да гласаат.
Се обиде да укаже на грешките што ни ги прават стручњаци од странство што се дојдени тука тезгарошки, не дека нашите се подобри, и пак изгоре човекот.
Молчењето е злато! Лекција која што ја плати Дарко Панчев, а од него ја научија сите што некогаш заиграле за нашата репрезентација.

Next Post Homepage Previous Post